Thursday, May 1, 2008

Во Охрид

Еве ме мене во Охрид.На поседок кај една прекрасна пријателка.Градов сум го посетувала само во потопли денови.Поинаков е сега.Мирен, бавен, поискрен, луѓето се конечно тие што се.Ја нема туристичката бука.Снегот го прави градов поезотеричен од обично. Се губам ориентационо по скалилата и се потсетувам на Дубровник за миг.Запознав охриѓани. Тие ти биле прекрасен народ. Посебен. Особено моите новостекнати познанства. Деца од фамилии со историјат стар колку езерово. Династии. Успешни луѓе. Разговараме, ме шетаат, градов имал и други лица освен Канео и Плаошник.Ноќниот живот е супер. Џез ин нема мана, мирно и свири џез, а што би друго... Во Д дак пееше сношти Жармена. Некои фини, непознати момци го честеа моето женско друштво пијачки. А не побараа ништо за возврат. Хм...Скопјанец не видов досега. Баш ми годи.
Денес ја шетавме Струга. Видовме некои музеи и галерии и спомен куќа на браќата Миладиновци. Однадвор само.“Запознај ја татковината за да ја сакаш повеќе“ ми се случува сега.Имаат таму ајриш паб на три спрата со прекрасен поглед. Дримот е наместо, мислам, и хотелот, а и реката, а мостот на поетите е распаднат до даска, буквално - штиците се со дупки.Бевме и во некој манастир кај Калишта. До хотел Бисер. Еден љубезен човек ни раскажа историјат.
Кај и да си за Бадник дома да си, рекоа сега на радио.Јас не сум дома.На гости сум.Прекрасно ми е.Не би била во овој миг на друго место или со други луѓе, оти имам совршен момент.Ново пријателство.Едно е кога седиме на кафиња на безбеден терен и даваме од себе толку колку што сме спремни да дадеме.Сосема друго ниво на дружење е кога си му дома некому.Кога ќе те пушти храбро во својот живот, во своето семејство, во своите навики, на својот компјутер, во своите пријатели, во својата ноќ и во своето секојдневие.Охрид е полн со љубов.Да, езерото е исто, врне ситен дождец, времето е меко, брановите прават мелодија...Вдишувам природа низ кислородот и се чувствувам убаво.Сакам да влезам во водата и да пливам.
После многу долг период се чувствувам слободна, смирена,
...
среќна.

превземено од http://refleksii.blog.com.mk/node/127337